„Сонот на играчките“ е насловен симфонискиот концерт за деца кој Македонската филхармонија ќе го изведе денеска од 11 часот. Ќе го водат двајца млади македонски диригенти – Виктор и Елена Митревски, кои се активни на европските музички сцени.
На концертот ќе има и аниматор, а ќе бидат изведени дела од Дебиси, Григ, Понкиели,
Моцарт, Бизе, Елгар.
„Сонот на играчките“ е музичка приказна за две деца, брат и сестра, кои сонуваат да станат славни диригенти, а во остварување на сонот им помага волшебник. Во улогите на двете деца се, всушност, диригентите Виктор и Елена.
„Во нарацијата концертот содржи многу хумор, како и едукативни елементи кои ќе им помогнат на децата преку смеа да се запознаат со класичната музика, инструментите, како и улогата на диригентот“, информира Филхармонијата.