Уметникот Оливер Мусовиќ учествува на изложба во АЦЦ Галерија во Вајмар, на која од денеска до 19 мај ќе бидат претставени дела на уметници резиденти на 24. Интернационална студио програма во Вајмар во 2018 година.
Изложбата е насловена „Солидарност – сега повеќе од било кога“ и повикува на општествена кохезија над потеклото и верувањата, како метод на спас на светот и предлага решенија базирани на заемна помош и солидарност.
Мусовиќ (1971) се претставува со неколку нови и досега неизложувани дела – две фотографски серии, видео и предлог-локална иницијатива реализирани во Вајмар за време на престојот на резиденцијалната програма, како и неколку постари дела.
Делата илустрираат различни аспекти на т.н. солидарна економија, која се базира на активности кои тежнеат да го подобрат квалитетот на живот во еден регион или заеднца преку локални бизниси и непрофитни активности.
– Собирање и редистрибуција на стара облека, „урбан комонс“ – заеднички урбани градини на јавно земјиште, како и поединечни акти на солидарност во сообраќај и алтернативни локални валути. Главно се работи за активности кои се организирани за да ја адресираат и се обидуваат да ја трансформираат експлоатацијата под капиталистичката економија. Овие различни стратегии целат да ја заменат капиталистичката економија со самоорганизирани мрежи на социјална заштита организирани на ниво на заедници – истакнува Мусовиќ.
На изложбата во АЦЦ Галеријата во Вајмар учествуваат и уметниците Метју МекКарти од Јамајка и Курчи Дасгупта од Непал/Индија, кои имаат и поканети гости. Гости на Мусовиќ на изложбата се членовите на српската уметничка група „Шкарт“ , која се преставува со делото „Мигрантски мапи“ од 2013 година.