Пратеникот на владејачката Алијанса за иднината на Косово (ААК) Даут Харадинај смета дека за продолжување на дијалогот Приштина-Белград, Косово треба да ѝ постави услови на Србија, исто како што таа бара да се укине таксата од 100 отсто на увозот на нејзини производи, јави дописникот на МИА од Приштина.
Харадинај на денешната вонредна седница на Собранието на Косово, на која се расправа за платфорамата на државниот тим за преговори со Србија, рече дека Приштина досега никогаш не поставила услови за продолжување на дијалогот.
– Се врши голем притисок за таксата, додека Косово не го постави како услов расветлувањето на судбината на исчезнатите (од војната во 1998-99 година). Косово не го постави како услов прашањето кој го изврши злосторството во случајот „Панда“ во Пеќ. Како резултат на сето тоа ние ја имаме платформата со задачите на делегацијата за преговори. Затоа, косовската делегација треба да го крене гласот кон Србија и ако тие поставуваат услови, тогаш истото треба да го сториме и ние – изјави Харадинај.
Пратеникот на ААК, кој е и брат на лидерот на таа партија и премиер на Косово, Рамуш Харадинај, рече дека Приштина првпат има платформа за дијалогот и закон кој му дава надлежности на преговарачкиот тим.
Седницата за платформата се одвива без присуство на пратениците на двете најголеми косовски опозициски партии, Демократскиот сојуз на Косово (ЛДК) и Движењето Самоопределување (ВВ), кои ја напуштија собраниската сала на почетокот на расправата.