Еве колку ќе добијат поврат на ДДВ семејствата со просечни примања

Семејство чија потрошувачка кошничка месечно изнесува 32.670 денари ќе може да очекува поврат на ДДВ од 172 евра за една година.

2825

Се прашувате како да стигнете до ветените 500 евра поврат на Данокот на додадена вредност (ДДВ)? Тоа ќе биде тешко за оние кои земаат просечна плата и уште потешко за оние кои земаат минимална плата. Мерката што ја најави Владата а треба да стартува од 1 јули, иако има за цел да се искорени неиздавањето на фискални сметки ќе влијае и на зголемување на потрошувачката на граѓаните, барем оние кои ќе можат да си го дозволат тоа, со своите месечни примања.

Бидејќи сѐ уште не се знаат критериумите и кои износи на трошоци, всушност, ќе бидат признати за да може да се побара поврат на Данокот на додадена вредност, пресметките можат да се прават на најразличен начин.

Според наједноставната пресметка, за да добијат годишен поврат од 500 евра граѓаните ќе треба преку сметките на државата да ѝ платат ДДВ во висина од 3.300 евра. Тоа значи дека за да добијат поврат на ДДВ од 500 евра, граѓаните годишно ќе треба да потрошат 1.120.000 денари или околу 18.500 евра.

Кога тоа ќе се пресмета според потрошувачката кошничка што ја пресметува синдикатот тоа ќе изгледа малку поинаку.

Според последните податоци за декември лани, социјалната потрошувачка кошничка која се мери со просечната исплатена нето плата, изнесувала 32.670 денари. Пресметано на годишно ниво тоа значи дека четиричлено работничко семејство, кое нема автомобил, за исхрана и пијалоци, домување, хигиена, превоз, облека и обувки, култура, одржување на здравје годишно троши по 392.040 денари (6.370 евра). Тоа семејство, преку сметките на државата ѝ плаќа ДДВ во износ од 1.146 евра. Според тоа, може да очекува поврат на ДДВ од 172 евра за една година.

Социјалната потрошувачка кошничка можат да ја покријат само семејствата со две просечни нето плати или со една просечна и една минимална плата. Семејствата со две минимални плати не се во можност без да се откажат од нешто да преживеат и со синдикалната потрошувачка кошничка. Според тоа, тие и најмалку ќе добијат од колачот што се вика поврат на ДДВ.

Просечна нето плата во земјава земаат околу 17 отсто од вработените, додека 75 отсто од нив земаат плати под државниот просек. Во декември, според податоците на Државниот завод за статистика просечната нето плата изнсувала 25.784 денари.

Премиерот Зоран Заев деновиве изјави дека меѓу 60 и 100 милиони евра годишно би се вратиле кај граѓаните со поврат на 15 отсто од ДДВ од 1 јули. Тој најави дека системот ќе биде праведен.

Вчера директорката на Управата за јавни приходи Соња Лукаревска изјави дека работна група работи на мерката и дополнително ќе се знаат критериумите и како тоа ќе биде спроведено во практика.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...