Кумановскиот театар утревечер во 18.30 часот, премирно ќе ја изведе преставата „Малата сирена“ по мотиви на Ханс Кристијан Андерсен, во режија на Бојана Краљевска. Ова е прва претстава наменета за најмладите во тековната година, информираа актерите на денешната прес-конференција.
Режисерката Краљевска, посочи дека било предизвик да се работи и вклопи актерската игра со корографијата, сценографијата, со песна и игра. Публиката ќе може да ужива во двата света, морскиот и копнениот, светот на принцови, морнарите, на сирените рибите, школките, коралите.
-Се надевам дека успевме и нема да ги разочараме најмладите, напротив ќе ги освоиме – изјави Краљевска.
Актерката Русеска ја толкува улогата на малата сирена. -Приказната зборува за вистинска љубов која секогаш победува, рече Русеска.
Нејзините колеги Јовановски и Дончевска Илиќ ги толкуваат улогите на рибата Ушко и на вештерката од морското дно. Тие ги повикаа најмладите да ја проследат претставата, да ги остават мобилните телефони, да уживаат во сплетките на рибите и ракчињата.
– Во детските претстави секогаш има и добро и лошо и мора да кажам дека децата умеат да го одвојат доброто од злото – вели Дончевска Илиќ.
Во претставата играат осум актери од театарот Сања Русеска, Марко Трајковиќ, Александра Михајловска, Никица Јовановски, Дубравка Киселички, Кети Дончевска Илиќ, Жарко Јовановиќ и Владо Дојчиновски.