Претставата „Да го поздравиш и да ми го бациш“ во режија на Билјана Радиновска, во продукција на театарот „Артопија“ од Скопје, доби четири награди на гостувањето на меѓународниот театарски фестивал „Арт трема фест“ во Рума, Србија.
Покрај награда за најдобра на фестивалот, претставата доби и награда за најдобра режија и награди за најдобра женска улога (тандем Наташа Петровиќ, Симона Спировска-Костовска) и за машка улога (тандем Бојан Кирковски и Ненад Митевски).
За наградите одлучи жири во состав: Мирослав Радоњиќ (театаролог), Зијах Соколовиќ (актер) и Горан Цветковиќ (театарски критичар).
„Да го поздравиш и да ми го бациш“ е документарна претстава, авторско дело на четворицата актери и режисерката Радиновска. Темите што ги отвораат (уметноста во себе, надежите, стравовите, борбите за остварување на креативниот потенцијал) се од различни искуства на актерите и зборуваат за борбата за индивидуална слобода.
Театарот „Артопија“ работи во Детскиот театарски центар во стара чаршија. Нова претстава му е „Ужегнатост“ која на репертоарот ќе биде в среда (28 март) од 21 часот.