ЕуроНикел Индустри е најуспешната завршена стечајна постапка во нашата држава и денеска е повторно една успешна приказна и го задржува приматот што го имаше долги години наназад, како најголем извозник на фероникел од Северна Македонија и двигател на македонската економија, изјави премиерот Зоран Заев при денешната посета на ФЕНИ во Кавадарци.
Заедно со Заев во компанијата беше и вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев.
– Можеме слободно да констатираме дека се надминати сите кризи и затекнати проблеми и повеќе не постои ризик од банкрот со којшто се соочуваше компанијата. Вработените се задоволни и среќни и добиваат плата којашто ја надминува просечната нето плата, долговите се исплаќаат, се отвораат нови работни места и компанијата продолжува да извезува на странските пазари и да влегува во нови инвестициски процеси – рече Заев.
Вицепремиерот за економски прашања Анѓушев рече дека со рестартирањето на Еуроникел се стави крај на голготата под која беа изложени сите вработени и компаниите кои соработуваа со ФЕНИ.
– Еуроникел не е само статистичка бројка во домашниот бруто производ (БДП). Тоа е судбина на целиот регион и сите вработени, задоволен сум што ја гледам среќата на лицата на вработените. Моето задоволство е уште поголемо, бидејќи преку разговори со менаџментот дознавме дека тие имаат план да инвестираат дополнителни 10-ина милиони евра во пуштање на нова печка, што значи дополнително производство, попозитивни резултати и нови вработувања. За оние кои покажаа сомнеж каде се 624-те милиони евра директни странски директни инвестиции во 2018 година, ова е најдоброто место од кое можеме да го дадеме одговорот. Околу 100 милиони евра се во овој комбинат, исплатени се сите доверители, долговите на компанијата и донесен е оперативен капитал во фабриката. Со гордост можеме да кажеме дека ја движиме македонската економија во вистинска насока, дека не правиме стиропор економија, туку реална економија на реални вредности и бројки – рече Анѓушев
Маркос Камхис, директор на матичната компанија на Еуроникел, ГСОЛ рече дека групацијата е горда што ја реализира една од најголемите странски директни инвестиции во земјата, отворајќи пат за фабриката да излезе од стечај под сопственост и името на Еуроникел.
– Сега сме фокусирани да обезбедиме раст на компанијата и економијата на земјата да напредува преку зголемената трговија со земјите во Европа и пошироко. Додека ги имплементираме нашите инвестициски планови, ќе ги споделуваме вестите за тековните случувања во врска со подобрувањата во производството, можностите за вработување и позитивните ефекти што ќе ги носи Еуроникел во заедницата – рече Камхис.
Герасим Кујунџиев, директор на Еуроникел Индустри., додаде дека моментално се инвестицира во реновирање и рестартирање на втората печка е веќе во тек.
– Ова е инвестиција од минимум 10 милиони евра, што ќе го доведе Еуроникел Индустри на врвот на фероникел произведители во Европа. Придобивките од оваа инвестиција се повеќекратни бидејќи ќе го зголемат производството и извозот, што исто така се претвора во прилив на девизи, нови работни места, поголеми можности за домашните добавувачи и изведувачи и секако, директно ќе влијае на растот на БДП на земјата – изјави Кујунџиев.