Во продажба е книгата „Јога за трудници и за мајки“

Книгата „Јога за трудници и за мајки“ од Биљана Илиќ Героска е пуштена во продажба на продажните места на кои се продава и весникот „Слободен печат“.

94

Изданието претставува водич кој може ги научи трудниците на специфични вежби и техники за дишење кои ќе им помогнат полесно да ја износат бременоста и свесно да се справат со чинот на породувањето. Книгата е произлезена од курсевите по јога за трудници на авторката Билјана Илиќ Героска. Изобилува со фотографии на сите јогиски положби и детални објаснувања за благодетите на секоја положба.

Јогата нѐ учи дека бременоста е можност да го креираме светот во кој живееме. Мајката го има природното право да биде првиот учител на плодот што грижливо го носи. Сакала или не, таа влијае врз формирањето на првите впечатоци  на детето за светот. Затоа е важно мајката да се вооружи со бескрајна трпеливост, несопирлива енергија, високо ниво непристрасност и се разбира, многу, многу љубов.

Зборот „мајка“ е синоним за љубов која почнува на невидено, нечуено и недопрено. Водејќи се од сопствената интуиција, трудницата го воспоставува првиот контакт со своето чедо додека е тоа во утробата. Мајката не е природен инкубатор, таа е подлога врз која расте и се развива личноста и човечкиот гениј.

Јогата ѝ овозможува на трудницата да ја одржи својата физичка, ментална и духовна благосостојба. Грижејќи се за себе, идната мајка го храни и своето бебе со позитивни впечатоци што влијае врз создавањето хармонично семејство и општество. Примената на јогата во бременоста е моќен начин да го креираме светот во кој живееме, почнувајќи од себе и од своите потомци.

Цената на книгата е 150 денари.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...