Пет отсто од управувачките структури на јавните претпријатија се со средно образование што е спротивно со законските критериуми, покажува студијата за раководењето со јавните претпријатија „Кој тоа таму управува?“, подготвена од Институтот за демократија.
Според студијата, 2 отсто од директорите и 7 отсто од членовите на надзорните одбори се со средно образование. Образованието е јасен формален критериум за именување утврден во законската рамка.
Анализирано според областа на образованието, се забележува дека правните и економските студии доминираат во управувачката структура. По нив следат природно-научните и техничките студии, а на трето место се општествените науки.
Тоа што е интересно е дека во надзорните одбори, каде што би требало да членуваат луѓе со правна и финансиска позадина, има 22 отсто технички лица, 12 отсто од општествени науки и 4 отсто со студии од уметност или хуманистички науки.
Според студијата, најголем недостаток во процесот на именување на раководните структури претставува искуството.
Од анализата на биографиите утврдено е дека во 51 отсто од случаите именуваните лица немале искуство во областа на работата на институциите или пак тоа искуство е до пет години.
Со искуство очекувано најдобро стојат членовите на советите во агенциите, каде критериумите се поспецифично пропишани. Кај нив, 71 отсто од советниците имаат искуство од барем шест години, а кај повеќе од половина од нив тоа е подолго од 10 години.
Слично е и кај директорите на јавните претпријатија и друштвата во државна сопственост (60 отсто), како и членовите на комисии (47 отсто).
Наспроти нив се членовите на управните и надзорните одбори. Кај нив доминира слабото искуство.
Така, 63 отсто од членовите на надзорните одбори имаат искуство до пет години а дури половина имаат незначително искуство. Дури 43 отсто од членовите во управните одбори немаат искуство. Иако има разлики во практиката, сепак забележлив е значителниот број на неискусни лица кои членуваат во раководните структури на сите овие различни типови на институции.
Податоците покажуваат и нерамнотежа во однос на родовата структура на менаџментот на институциите. Разликите помеѓу различните типови на институции не се значителни што укажува дека родовата нерамнотежа е резултат на системска негрижа за правична застапеност во оваа смисла.
Така, само 29 отсто од управувачките структури се жени што е во спротивност со политиките за промоција на родова еднаквост.
Најголемата нерамнотежа е забележана кај директорите на институциите, каде само 5 отсто од именуваните лица се жени.
На спротивната страна отскокнува состојбата кај колективните органи, каде 43 отсто од членовите се жени.
Резултатите покажуваат дека при изборот на комисии, се води повеќе грижа за родова застапеност, па процедурите и практиката кај овие институции имаат подобар исход.