Харадинај: Војската на Косово нема да се употреби против граѓаните, ниту на север ниту на југ

129
ФОТО: EPA / MALTON DIBRA

Косовскиот премиер Рамуш Харадинај, по повод годишнината од „Епопејата на Ослободителната војска на Косово (ОВК)“, на денешната церемонија во касарната „Адем Јашари“, порача дека Војската на Косово, која беше формирана кон крајот на минатата година, нема да се употреби за напад врз сопствените граѓани, ниту на север, ниту на југ, јави дописникот на МИА од Приштина.

Харадинај во своето обраќање порача дека по 5 март 1998 година, кога српските сили во селото Преказ ја нападнаа кулата на семејството на основачот на ОВК Адем Јашари, „светот реагира за да го спречи згаснувањето на цел еден народ“.

Косовскиот премиер и еден од поранешните команданти на ОВК говореше и за трансформација на Безбедносните сили (ФСК) во Војска на Косово, што според него претставува „проект кој е во служба на мирот“.

– Пратениците со 107 гласа рекоа „да“ за еден национален проект кој е во служба на мирот, како што е трансформацијата на ФСК. Војската е за мир и нема да се употреби против народот, ниту на север ниту на југ – порача Харадинај.

На церемонијата во касарната која го носи името на основачот на ОВК, присуствуваше и претседателот на Косово Хашим Тачи, кој им одаде почит и на сите други припадници на ОВК, како и над 13.500 цивили кои го загубија животот во војната со Србија во 1998-99 година.

– Светот почна да го сфаќа Косово. Епопејата на ОВК потврди дека немаше враќање назад во нашата борба за слобода. ОВК стана највеличествениот национален проект во историјата на албанската нација – рече Тачи.

Почести по повод годишнината од „Епопејата на ОВК“, преку чествување во Меморијалниот центар „Адем Јашари“ во неговото родно село Преказ, како и преку соопштенија и објави на социјалните мрежи, изразија и претседателот на Собранието Кадри Весели, лидерот на косовската опозиција Иса Мустафа, политичките партии на косовските Албанци, раководителите на државните институции, организациите на борците на ОВК и други организации и здруженија, личности од јавниот живот итн.

На 5 март 1998 година бројни српски сили извршија напад врз селото Преказ и по тридневни борби го ликвидираа основачот на ОВК Адем Јашари и 26 членови на неговото семејство, вклучително деца, жени и старци. Куќитe и пропратните објекти кои му припаѓаа на семејството Јашари беа срамнети со земја, а од сите членови на семејството преживеа единствено една од внуките на Адем, тогаш 10-годишната Бесарта.

ФОТО: EPA / MALTON DIBRA

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...