Во јануари годинава од земјава вкупно се извезени стоки во вредност од 25,534 милијарди денари или 415,058 милиони евра што е за 1,9 отсто помалку во однос на истиот период од претходната година, додека вкупно се увезени стоки во износ од 35.037 милијарди денари, односно 569,598 милиони евра, што е за 1,4 отсто повеќе во споредба со истиот период од претходната година, објави Државниот завод за статистика.
Трговскиот дефицит во јануари 2019 година изнесува 9,503 милијарди денари или 154,540 милиони евра, а покриеноста на увозот со извоз изнесува 72,9 отсто.
Најголемо учество во извозот имаат катализаторите на носачи со благородни метали или нивни соединенија, сетовите на проводници за палење и слично, за возила, авиони или бродови, деловите на седишта и моторните возила за превоз на 10 или повеќе лица, вклучувајќи го и возачот, со мотор со внатрешно согорување со палење со помош на компресија (дизел или полудизел).
Во увозот најмногу се застапени платината и легурите на платина, необработени или во прав, нафтените масла и маслата добиени од битуменозни минерали (освен сурови), плоснато-валаните производи од железо или не легиран челик, не платинирани или не обложени и другите метали од платинската група и нивни легури, необработени или во облик на прав.
Според вкупниот обем на надворешно-трговската размена, во јануари годинава земјава најмногу тргувала со Германија, Велика Британија, Грција, Кина и Бугарија.