Опозициските партии потписници на Договорот со народот продолжија со бојкот на работата на српскиот Парламент.
Тие на првата пролетна седница на новинарите им се обратија во холот на Собранието пред почетокот на седницата и најавија дека поради невозможност за парламентарна дебата нема да учествуваат во работата на Собранието се додека претседател на Собранието е Маја Гојковиќ.
Наместо да влезат во салата пратениците од опозицијата излегоа пред зградата на Собранието, каде што, по повод пролетната сесија, беше поставена почесната стража на Српската војска и на скалите поставија транспарент „Еден од пет милиони“.
Тие најавија дека во текот на денот во собранискиот хол ќе организираат, како што го нарекоа, паралелно парламентарно собрание, каде што ќе ги објаснуваат и критикуваат законите кои се на дневен ред, но нема да влезат во собраниската сала.
Во салата се пратениците на Српската радикална партија (СРС) со лидерот Воислав Шешељ, кои носат сини мајци со кратки ракави на кои пишува „Косово е засекогаш Србија“.