Првите од вкупно 20-те договори за закуп на државно земјоделско земјиште над три хектари беа потпишани денеска во Владата. Вкупната инвестиција на сите договори е 11 милиони евра кои ќе се вложуваат во следните пет години во изградба на винарии, кланици, млинови, оранжерии и откупни центри.
– Она што е најважно е дека преку овие инвестиции во земјоделската преработувачка индустрија ќе се создадат услови за обезбедување на сигурен пласман на земјоделските производи, решавање на проблемите со вишоците, како и отворање на нови работни места – рече премиерот Зоран Заев.
Тој заедно со вицепремиерот Кочо Анѓушев и министерот за земјоделство Љупчо Николовски присуствуваше на потпишувањето на договорите.
Според вицепремиерот Анѓушев, во државата недостигаат преработувачки капацитети за земјоделски производи и токму затоа оваа програма е конципирана така што се доделува земјоделско земјиште, но поврзано со преработувачки капацитети.
– Точно она што фали во македонското земјоделство. Очекуваме во иднина да има што помалку продажба на сурови производи, а што повеќе производство и продажба на производи со додадена вредност во процесната индустрија на земјоделството – порача Анѓушев.
Министерот за земјоделство најави дека по завршување на претстојните избори, ќе биде распишан уште еден инвестициски оглас за кој, како што рече, уште сега има интерес.