Читам, мојот пријател од Фејсбук Александар Левески направил муабет со човек од „Шефлер груп“, најголемиот добавувач на авто-делови за „Фолксваген“. Го прашал зошто фабриката што ќе ја градат на Балканов ќе биде во Србија, а не во Македонија.
„Вели, првата причина е што немате доволно образован кадар, потребни се неколку стотини машински инженери, а вие толку во целата држава немате. Второ и не помалку битно, немате железница кон три од петте соседи, а железницата е главниот систем за транспорт во фабрики од ваков калибар. Му велам, па ете, сега правиме железница кон Бугарија, а тој ми вели – знам, ја правите уште од 1993. И така“, пишува Левески.
Не знам дали фабриката на „Фолксваген“ ќе се гради токму во Србија (каде што се произведуваат возила на „Фиат“, со јапонски роботи), или во Романија, Бугарија, Турција или некаде на друго место на Балканов. Знам дека сигурно нема да се гради во Македонија. А читам дека фабриката на земјата домаќин ќе ѝ носи 4,5 милијарди евра годишно во буџетот и 5.000 нови вработувања, од кои 650 инженери.
Ние таков кадровски потенцијал, едноставно, немаме. Како што немаме и многу други нешта…
Тоа е суровата реалност, другарки и другари, дами и господо натовци. Членството во НАТО и еден ден и во ЕУ, нема „автоматски“ од нашата земја да направи погодна дестинација за инвестиции и за трансфер на високи технологии. Некогаш кај нас се произведуваа солидни автобуси, но ние одамна ја напуштивме таа приказна и еве ги сега последиците. Сега врзуваме кабли и шиеме перничиња за автомобили. Толку нѐ бидува. Засега.
Ете зошто кај нас државата мора да ги мотивира успешните стопански субјекти да инвестираат во развојот, што подразбира воведување на високи технологии, трансфер на знаења, билдање на кадровските капацитети. Имаме ние такви компании, но за жал, тие можат да се избројат на прстите од едната рака. Имаме и потенцијали за успешни старт-ап проекти, но и за нив е неопходна поддршка.
Таквата поддршка за успешните не е „етатизација“, туку имено создавање на неопходните инфраструктурни предуслови за развој на реалниот сектор на нашата економија. А без тоа, биле ние во НАТО и во ЕУ или не, вечно ќе си останеме копуци што живеат на рабуш.