Германскиот политичар Клаус Кинкел, кој во време на војните на територијата на поранешна Југославија беше министер за надворешни работи на Германија, почина на 82-годишна возраст.
Кинкел долги години беше претседател на партијата на германските либерали ФДП, која на Твитер ја објави веста за неговата смрт, нагласувајќи дека станува збор за „праведен и скромен човек со карактер“.
Тој повеќе години беше меѓу најблиските соработници на поранешниот германски министер за надворешни работи Ханс-Дитрих Геншер. Исто така, беше и шеф на западногерманската разузнавачка служба (БНД) од 1979 до 1982 година.
Во Босна и Херцеговина остана запаматен по изјавата дека чувствува соодговорност за масакрот во Сребреница.
Во текот на својот мандат како шеф на германската дипломатија тој прв предложи формирање на суд, кој ќе суди за воените злосторства на територијата на поранешна Југославија, по што беше создаден Хашкиот трибунал.
ФОТО: МИА