Телото на убиениот саудиски новинар Џамал Кашоги најверојатно е изгорено во големата печка во резиденцијата на генералниот конзул на Саудиска Арабија во Истанбул, според истрагата на телевизијата Ал Џезира.
Телевизијата денеска емитуваше документарен филм во кој се објавени нови детали за убиството, извршено од саудиска екипа.
„Турските власти го следеа горењето на печката однадвор, бидејќи се смета дека торбите, за кои се претпоставува дека содржеле делови од телото на Кашоги, биле префрлени во домот на саудискиот конзул, откако бил убиен во Конзулатот, оддалечен неколку стотина метри“, објави телевизијата.
Турските власти соопштија дека голема количина месо за скара е печено во печката по убиството, со цел да се прикријат трагите од кремирањето на телото на Кашоги. Исто така, тие додаваат дека горењето на телото било извршено во рок од три дена.