САД и Јужна Кореја најавија крај на годишните заеднички воени вежби

45

САД и Јужна Кореја најавија дека ќе стават крај на годишните заеднички воени вежби, во рамки на дипломатските напори да се постигне целосна денулераизација на Корејскиот полуостров.

Вршителот на должност американски секретар за одбрана Патрик Шенахан и јужнокорејскиот министер за одбрана Џонг Кјонг-до во телефонски разговор одлучиле да стават крај на заедничките вежби, се наведува во соопштението на Пентагон.

Во него се додава дека е договорено, блиската координација на воените активности и натаму да биде поддршка за дипломатските напори.

Одлуката за крај на вежбите е донесена три дена по вториот самит на претседателот Доналд Трамп и севернокорејскиот лидер Ким Џонг-ун во Виетнам, кој заврши без договор за решавање на севернокорејската нуклеарна криза.

Јужнокорејското Министерство за одбрана објави слично соопштение.

Северна Кореја повеќе пати остро ги осудуваше заедничките вежби на САД и Јужна Кореја, како агресивна провокација и вежбање за војна.

Завршувањето на воените вежби може да се смета за гест на добра волја за продолжување на преговорите со Северна Кореја и покрај неуспешниот самит во Ханој, наведува „Гласот на Америка“.

Претседателот Доналд Трамп беше критикуван за големите трошоци на воените вежби, кои првпат беа одложени во 2018 година, за да се овозможи учество на Северна Кореја на Зимските Олимписки игри во Јужна Кореја.

Трамп по првиот самит со Ким во Сингапур, во јуни минатата година, ги суспендираше вежбите на неодредено време.

Американските воени лидери планираат големите воени вежби да ги заменат со помали и да користат технологија базирана на виртуелни вежби, наместо да вклучат илјадници војници во воени игри.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...