Нови антивладини протести во Подгорица

125

Повеќе илјади граѓани синоќа протестираа во Подгорица барајќи оставки од претседателот Мило Ѓукановиќ, премиерот Душко Маровиќ, главниот обвинител и од директорот на Радио Телевизија Црна Гора.

– Ако тоа не го направат, на 16 март повторно ќе се собереме и нема да се повлечеме се додека не го направат тоа, изјави еден од лидерите на протестите.

Демонстрантите им дадоа рок од 15 дена на функционерите да се повлечат, а исто така побараа од опозициските партии да го напуштат Парламентот се додека не бидат исплнети нивните барања.

Учесниците на протестот носеа транспаренти на кои пишуваше „Татковината се брани со протест“, „Ние сме здравото ткиво“, „I’m gonna miss you, Milo“ (Ќе ни недостигаш, Мило) и „Стани и победи“.

Тоа беа петти граѓански протести откако пребегнатиот црногорски тајкун Душко Кнежевиќ објави снимка на која се гледа дека пред парламентарните избори во 2016 година дава коверт со 97.500 евра на поранешниот градоначалник на Подгорица, Славољуб Стијеповиќ.

Кнежевиќ тогаш изјави дека парите ги дал во договор со Ѓукановиќ за финансирање на изборната кампања, како и дека тоа се дел од „неколкуте милиони евра“ што ги дал за финансирање на владејачката Демократска партија на социјалистите во последните две децении.

Оттогаш Кнежевиќ секојдневно го критикува Ѓукановиќ и неговото семејство тврдејќи дека ниту еден бизнис во Црна Гора не може да почне без да се даде мито на „луѓето од црногорскиот државен врв“.

– Имам снимка на која Ѓукановиќ зема пари и ќе ја објавам кога за тоа ќе дојде време, изјави Кнежевиќ од Лондон, каде се наоѓа по избивање на аферата „Атлас“.

По Кнежевиќ, кој е државјанин на Велика Британија, Интерпол распиша црвена потерница, бидејќи тој е обвинет дека раководи со криминална група, која преку неговите банки во Црна Гора – ИМБ и „Атлас банка“ пери пари.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...