Меѓународниот Филмски фестивал во Кан соопшти дека на овогодишната смотра ќе биде забрането сликањето со мобилните телефони, но и дека повеќе нема да има посебни проекции на филмовите за новинарите.
Директорот на фестивалот Тиери Фремо објаснил дека селфињата ќе бидат забранети на црвениот тепих на Филмскиот фестивал во Кан, бидејќи тоа го нарушува протоколот на доаѓањето на гостите.
Фремо уште пред две години го најави „крајот на таа смешна и гротескна“ практика на сликање со мобилните телефони.
Организаторите на фестивалот, кој годинава ќе се одржува од 8 до 19 мај, одлучиле повеќе да нема проекции на филмовите во трката за „Златна палма“ само за новинарите, туку дека од годинава и тие ќе ја откријат содржината на филмовите како и другите, со цел задржување на „целосната неизвесност“.
Претседателка на овогодишниот, 71. Филмски фестивал, ќе биде австралиската актерка Кејт Бланшет.
Фремо рекол дека наскоро ќе биде соопштен списокот на филмовите, кандидати за „Златна палма“, главната награда на фестивалот.
„Златната палма“ лани ја доби шведскиот режисер Рубен Остлунд, за филмот „Плоштад“.