Партиски препукувања во Грција за гласањето на Грците во Велика Британија на евроизборите

80

Правото на глас на претстојните евроизбори на околу 70.000 Грци кои живеат во Велика Британија, беше причината за нови препукувања меѓу грчката Влада и опозициска партија Нова демократија, јави дописничката на МИА од Атина.

Грчката амбасада во Лондон минатата сабота издаде соопштение со кое ги известува Грците кои живеат во Велика Британија дека „во Обединетото Кралство нема да функционираат изборните единици за евроизборите, бидејќи кога ќе се одржат изборите, земјата нема да биде членка на Европската унија“, објаснувајќи дека правото на глас тие ќе можат да го остварат во некоја од соседните земји членки на ЕУ.

На ваквото соопштение реагираше опозициската Нова демократија, која ја обвини актуелната грчка Влада и владејачката партија Сириза дека го користи Брегзитот како изговор „нелегално да спречи 70.000 Грци кои живеат во Велика Британија, да гласаат на евроизборите“.

Министерствата за надворешни и за внатрешни работи на Грција излегоа со заедничко соопштение во кое одговараат на обвинувањата од Нова демократија, објаснувајќи дека за конкретното прашање станало збор за време на состанокот на Советот за надворешна политика во грчкото Министерство за надворешни работи одржан во петокот.

– Нашите сограѓани кои живеат, работат или студираат таму, ќе учествуваат на претстојните евроизбори. Иако можноста за учество во гласањето од постоечкиот изборен закон се ограничува само на земјите од Европската унија, во која нема да припаѓа Велика Британија по 29 март 2019, според тековните податоци, Владата веќе има одредено соодветен закон во рамките на иницијативата за справување со последиците од Брегзитот – се наведува во соопштението и се објаснува дека известувањето од Амбасадата во Лондон, на кое се повикува Нова демократија е издадено пред да бидат објавени мерките од Атина.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...