Бизнисмените на еден месец пред стапување на сила на новиот Закон за јавни набавки бараат тој да се подобри со нивните предлози преку подзаконските акти. Дел од нив се соменваат дека администрацијата не е подготвена да го реализира новиот критериум економски најповолна понуда.
На денешната инфо сесија во Стопанската комора тие побараа критериумите за избор на економска најповолна понуда да се уреди во подзаконските акти по сектори.
– Набавка на софтвер не е исто што и набавка на трактор,зашто има специфики при набавка на опрема зависно за што станува збор – ИТ услуги, земјоделство, но тоа го нема во овој закон – вели директорот на консултанстката куќа „Епицентар“ Љубомир Димовски.
Тој додава дека добрите страни на новиот закон за јавни набавки можат да станат пречка, доколку администрацијата не успее да се подготви за негово спроведување.
– Економски најповолна понуда ќе биде новиот принцип на селекција во процесот на јавните набавки. Тоа во практика е многу тешко да се спроведе. Дали јавната администрација е доволно подготвена да спроведе таков тип набавки? Тука не е само евалуацијата на понудите, туку многу побитно е како ќе биде направено тендерското досие, кои се критериумите што ќе се стават внатре, дали службениците што ќе бидат во комисиите се доволно подготвени реално да ја изберат вистина економски најповолната понуда. Локални епскерти во оваа област има многу, но колку тие реално ќе бидат вклучени во имплементацијата на новиот Закон, останува да се види – вели Димовски.
Според него законот овозможува реален натпревар меѓу фирмите но остануваат многу предизвици кои се најповрзани со начинот на неговото спроведување.
Бизнисмените, како што рече Павлина Димовска, правен консултант од „Епицентар“, барале но не добиле на електронскиот систем да се објавуваат не само склучените договори, туку и нивните анекси, како и рерализираните договори зашто Законот за јавни набавки го регулирал сегментот до моментот на склучување на договорите, а понатаму се применувале одредбите од Законот за облигациски односи.
– Делумно е прифатено нашето барање да се врши контрола од надворешно, независно тело при реализацијата на договорите и исполнувањето на обврските. Прифатена е само обврската да се објавуваат реализираните договори на електронскиот систем, но контролата останува во рамки на договорниот орган. Тој ја спроведува контролата – појасни таа.
Според неа, главна придобивка е тоа што со новиот Закон се напушта концептот на најниска цена.
– Повторно се оди кон економски најповолната понуда, односно се земаат предвид и дополнителни критериуми. Добро е и тоа што од електронската аукции се изземени интелектуалните услуги со оглед дека тука одеше до многу ниско спуштање на цените. Зголемена е и транспарентноста – додаде Димовска.
Герман Филков од Центарот за граѓански комуникации смета дека со овој закон институциите многу полесно ќе можат да ги добијат производите и услугите кои ги очекуваат, но начинот на кој треба тоа да го добијат е многу потежок од претходно.
Јадранка Аризанковска од Стопанската комора, пак, рече дека ова е еден од ретките закони за кои се водела вистинска дебата на бизнисмените и подготвувачот на текстот што покажува дека јавно приватното партнерство може да функционира.