ССМ пресмета дека минималецот може да порасне за 12 отсто

Сојузот на синдикатите е подготвен да почне социјален дијалог во врска со ова предложено зголемување на минималната плата која ќе биде основа за зголемување на платите на сите вработени.

212

Сојузот на синдикати на Македонија смета дека има простор да се зголеми минималната плата која во моментов изнесува 12.165 денари. Пресметките на синдикатот покажуваат дека има потреба од зголемување на минималната плата за најмалку 12 отсто.

– ССМ укажува дека во услови кога синдикалната минимална кошница за јануари 2019 година изнесува 32.761,00 денари, а само трошоците за храна изнесуваат 13.621,33 денари, постои реална потреба од зголемување на минималната плата која согласно европските препораки и тенденции треба да изнесува 60 проценти од просечната плата во државата – велат од ССМ.

Оттаму додаваат дека согласно Законот, во март треба да се направи усогласување на минималната плата по утврдените критериуми, кое министерот за труд и социјална политика ќе го објави во Службен весник по претходно мислење на Економско – социјалниот совет.

– Подготвени сме за започнување социјален дијалог во врска со ова предложено зголемување на минималната плата која ќе биде основа за зголемување на платите на сите вработени- велат од ССМ.

Законот за минимална плата беше донесен на иницијатива на Сојузот на синдикати на Македонија.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...