Индија и Пакистан на прагот на војна

142

Индија и Пакистан се на прагот на нова војна како последица на зголемените тензии, што почнаа пред две недели со напад врз припадници на Армијата на Индија во индискиот дел на Кашмир од страна на муслиманските сепаратисти на 14 февруари, при што загинаа најмалку 40 војници.

Како одговор на нападот, индиски борбени авиони извршија воздушни напади врз позициите на сепаратистите на територија на Пакистан.

На нападите пакистанската армија денеска одговори со соборување на два индиски воени авиони, за кои тврди дека навлегле во воздушниот простор на Пакистан.

– Пакистанското Воено воздухопловство урна два индиски авиони, што се наоѓа во воздушниот простор на Пакистан, објави на Твитер армискиот портпарол генерал Арид Гафур.

Според него, едниот од авионите паднал во пакистанскиот дел на Кашмир, а вториот се урнал на индиска територија,

Гафур додаде дека пилотите од едниот авион успеале навреме да се катапултираат, по што по спуштањето на земјата биле заробени од пакистански војници.

– Еден од заробените пилоти е во притвор, а другиот е хоспитализиран, додаде тој.

Сепак, според Гафур, Пакистан „не сака да оди во војна” со својот сосед.

– Ние не сакаме ескалација, ние не сакаме војна, додаде Гафур, повикувајќи на разговори со Њу Делхи.

Индија пак потврди загуба на еден авион и нагласи дека нејзините сили собориле пакистанско борбено летало, во конфликт што се одиграл на небото над спорниот хималајски регион Кашмир.

Портпаролот на индиското Министерство за надворешни работи Раџеш Кумар објави дека пакистанскиот авион бил погоден, поради тоа што учествувал во операција „насочена против воените инсталации на индиската држава”.

– Пакистанскиот авион беше забележан од копнените сили и се урна на пакистанска територија, додаде Кумар.

Пакистан, во меѓу време, го затвори својот воздушен простор, поради опасност од поголем конфликт со соседна Индија.

Пакистанската Управа за цивилно воздухопловство (САА) потврди дека „официјално е затворен воздушниот простор до следната наредба“, а одлуката е донесена „поради ново создадената ситуација“. Сите авиокомпании се информирани за „прекин на летовите до нова наредба“.

Индиските воздухопловни власти, пак, затворија најмалку шест аеродроми, а десетици летови се откажани. Затворена  е огромна област на воздушниот простор во Индија, северно од Њу Делхи, каде се забранети  цивилни летови.

Пакистанскиот премиер Имран Кан денеска во обраќање до нацијата му понуди дијалог на неговиот индиски колега Нарендра Моди, нагласувајќи дека Индија треба да размислува каде сака да ја насочи сегашната ситуација.

– И понудивме на Индија заедничка истрага за нападот, бидејќи не е во интерес на Пакистан тоа што нашата територија се користи против која било земја. Додека ние искрено понудивме да го испитаме инцидентот, Индија делуваше незрело, рече тој.

Кан нагласи дека и покрај неговата искрена понуда, имал сомнеж дека Индија може да преземе некои активности поради претстојните парламентарни избори.

– Кога Индија започна акција, ние не реагиравме, бидејќи сакавме целосно да ја разгледаме ситуацијата на теренот. Ние презедовме напад, бидејќи само сакаме да испратиме порака дека Пакистан е суверена земја и може да навлезе во Индија, рече Кан.

Во меѓу време, Вашингтон, Пекинг и Москва денеска апелираа на намалување на тензиите и на избегнување на ескалации на спорот меѓу Индија и Пакистан.

Државниот секретар на САД, Мајк Помпео изјави дека Индија и Пакистан мораат по секоја цена да избегнат ескалација на судирот, по акцијата на Военото воздухопловсѕво на Пакистан, во која беа соборени два индиски авиони.

Помпео информира дека разговарал со неговите колеги од Индија и Пакистан и ги предупредил дека треба да имаат директна комуникација за да избегнат воени активности.

Во исто време и Кина ги повика Индија и Пакистан на воздржаност.

Министерството за надворешни работи на Кина соопшти дека побарало Индија и Пакистан да се воздржат од натамошна ескалација на судирот.

Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков изјави дека Русија изразува загриженост поради растечките тензии меѓу Индија и Пакистан и ги повикува двете земји да се воздржат од натамошна ескалација на судирот.

– Многу сме загрижени поради последниот развој на настаните и ја следиме ситуацијата. Ги повикуваме двете страни да се воздржат од ескалација на тензиите, рече Песков.

Индија и Пакистан досега војуваа четири пати поради спорниот регион Кашмир, каде мнозинството од жителите се муслимани, но е поделен меѓу двете држави.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...