Албанската опозиција го откажа протестот пред Парламентот

352

Обединетата албанска опозиција го откажа за утре најавениот протест пред Парламентот во Тирана.

– Протестот се откажува поради фактот што нема пленарна седница, која наместо в четврток беше одржана вчера. Следниот протест ќе зависи од тоа кога ќе има седница на Парламентот, потврдуваат од опозицијата за телевизијата Ора њуз.

Оттаму додаваат дека останува непроменeт датумот 16. март за масовен протест пред Владата.

Вчера попладне од 17,00 до 20,00 часот, колку што траеше пленарната седница, прва на Парламентот без опозиција, беше одржан ненајавен протест пред зградата, при што дојде до ескалација со судир на демонстрантите и полицијата, напад врз пратениците и полицијата од страна на учесниците во протестот, фрлање шишиња со вода и боја, палење автомобилски гуми, оштетени полициски возила, фрлање солзавец од страна на полицијата. Сепак протестот заврши мирно по повикот на демократскиот лидер Љуљзим Баша за „целосна граѓанска непослушност“.

Поради длабоката криза во која се наоѓа Албанија, денеска во Тирана допатува седумчлена делегација европарламентарци, предводена од Туне Келам. Планирани се средби со претседателот Илир Мета, премиерот Еди Рама, лидерот на Демократската партија, Љуљзим Баша, а според последните информации и со министерот за внатрешни работи Сандер Леши.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...