Фармацевтската компанија „Алкалоид“ лани оствари позитивни финансиски резултати, покажуваат неревидираниот единечен и неревидираниот консолидиран Биланс на успех.
Според единечниот Биланс на успех, во периодот јануари – декември, продажбите достигнуваат 7.506.114.294 денари, што е за 8 отсто повеќе во споредба со истиот период лани. Добивката пред финансиски трошоци, даноци и амортизација (ЕБИТДА), која изнесува 1.478.890.871 денари, бележи зголемување од околу 13 отсто, единечната нето добивка изнесува 848.199.257 денари и истата е зголемена за 11 отсто.
Во периодот јануари – декември, вкупните консолидирани продажби достигнуваат 9.783.285.973 денари, што е за 8 отсто повеќе во споредба со истиот лански период. Консолидираните продажби остварени на домашен пазар се зголемени за 4 отсто, додека вкупниот консолидиран извоз на компанијата е зголемен за 10 отсто, надминувајќи за прв пат износ од 100 милиони евра. Од вкупните консолидирани продажби, 37 отсто се остварени на домашен пазар, додека 63 отсто се остварени на странски пазари.
Гледано по региони, во земјите од Југоисточна Европа се остварени 35 отсто, во Русија и другите земји од ЗНД се остварени 6 отсто, во земјите од Западна Европа (ЕУ и ЕФТА) се остварени 21отсто и на останатите пазари се остварени 1 отсто од вкупните консолидирани продажби. Најзабележителен раст е остварен во Унгарија со продажби од 128.111.848 денари што е 4 пати повеќе од лани, потоа во Полска со продажби од 72.260.692 денари што претставува зголемување од 4 пати и Украина со продажби од 192.130.438 денари што претставува раст од 86 отсто споредено со истиот период од минатата година. Кај извозните пазари пораст бележат и следните земји: Чешка раст од 62 отсто, Грузија, раст од 51отсто, САД раст од 22 отсто, Србија раст од 21 отсто, Косово раст од 20 отсто, Бугарија раст од 10 отсто, Романија раст од 5 отсто, итн.
Гледано по групи на производи, во структурата на вкупните консолидирани продажби, најголемо учество заземаат производите од сегментот „фармација“ и тоа 85 отсто. Од нив поголем удел имаат „ОТЦ препаратите“ со 22 отсто, „кардиолошките препарати“ со 17 отсто, „антибиотиците“ со 14 отсто, „невролошките препарати“ заземаат 13 отсто од вкупните консолидирани продажби итн. Сегментот „хемија, козметика и билкарство“ учествува со 15 отсто во вкупните консолидирани продажби или поточно „хемија“ учествува со 3 отсто, „козметика“ со 9 отсто и „билкарство“ учествува со 3 отсто.
Консолидираната добивка пред финансиски трошоци, даноци и амортизација (ЕБИТДА), која достигнува 1.555.516.762 денари бележи раст од 10 отсто, додека нето консолидираната добивка во износ од 862.410.928 денари е зголемена за 7 отсто.
Вкупните инвестиции во основни средства во периодот јануари – декември 2018 година изнесуваат 1.081.736.913 денари што е претставува зголемување за 26 отсто во однос на истиот период од 2017 година.
Во периодот јануари – декември 2018 година во Алкалоид се реализирани 212 нови вработувања во Република Северна Македонија.