Ѓубрето од калифорниски црви или биохумус е единствен производ во светот кој може да се продаде а не може да се произведе во доволни количини. Од мини фарма од сто легла како семеен бизнис годишно може да се заработат помеѓу 12 и 15 илјади евра, вели за Плусинфо скопјанецот Владимир Михајловиќ.
Биохумусот е природно ѓубриво, добиено со преработка на органски материи од црвени калифорниски црви.
– Со најмала инвестиција може да се дојде до профитабилен семеен бизнис. Сточар кој има 10 до 12 крави, има ѓубре за одгледување на 100 легла калифорниски црви и може да заработи помеѓу 13 и 16 илјади евра за една година. Повеќе ќе заработи од црвите отколку од млекото и телињата – нагласува Михајловиќ.
За едно легло калифорниски црви потребни се два метра квадратни. За една година преработува еден тон арско ѓубре, а се добива 500-600 килограми биохумус или високо квалитетно органско ѓубриво.
Тој појаснува дека биохумусот како најквалитетно органско ѓубриво, ја обезбедува и балансира исхраната на растенијата кои со него имаат многу поздрав и побогато развиен коренов систем, поголемо стебло, пополна крошна и поголем број листови.
Приносите кај овие растенија се поголеми за минимум 20 проценти. При долготрајна употреба приносите се зголемуваат од 30 до 70 проценти.
– Растенијата ѓубрени со биохумус создаваат од 3 до 6 пати повеќе витамин Ц, а со тоа отпорноста кон суша, мраз и сите видови болести е значително зголемена, па употребата на заштитни средства се сведува на минимум, вели човекот кој купува арско ѓубриво и со помош на калифорниски црви од него прави биохумус. Под влијание на биохумусот, додава тој, се подобрува структурата на почвата и се зголемува нејзината плодност. Употребата на ова ѓубриво е единствен начин за оплеменување на испостената почва и само со негова примена се добива производство на органска храна – дециден е Михајловиќ.
Тој има 100 легла на калифорниски црви и има фарма веќе четири години. Овој љубител на природата вели дека ова го работи од љубов, за себе и своите пријатели.
– Избирајќи органска храна, помагате да не се загадуваат почвата и водите. Со органскиот начин на производство на храна се одржува стабилност на екосистемите преку минимално загадување на животната средина. Ова се врши и преку исклучување на употребата на вештачки ѓубрива и хемиски пестициди за чие производство се трошат големи количества енергија и кои може да ја загадат почвата и водите. Истовремено, не се осиромашува почвата, а се избегнува и ширењето на болести – додаде Михајловиќ.