Специјалниот советник номиниран од Владата на СР Германија Валтер Дефа, кој како искусен професионалец се очекува да даде поддршка на Владата во спроведување на економските политики денеска имаше прва средба со вицепремиерот Кочо Анѓушев.
Анѓушев и Дефа, како што соопшти владината прес-служба, разговарале за стратешките приоритети на Владата за развојот на економијата и како да се обезбедат клучните предуслови за побрз и одржлив економски раст и развој.
„Клучните постулати во оваа насока се владеење на правото, реализацијата на инфраструктурните проекти за подобро поврзување со соседите, со тоа и зголемување на регионалната економска соработка, но и реформи во образовниот систем, со кои ќе се задоволат потребите на пазарот на трудот во земјата“, појаснија од Владата.
Анѓушев при тоа истакнал дека споделувањето на искуствата за европските фондови, ќе биде од особено значење и ќе придонесе за искористување на овие фондови за побрз економски развој и подобрување на животниот стандард и квалитетот на животот на граѓаните на Република Северна Македонија.
Валтер Дефа е долгогодишен претставник на СР Германија во Европската Комисијата, каде што извршувал повеќе должности. Помеѓу другото бил и директор на Генералниот директорат за регионална политика, а го предводел и Генералниот директорат за даноци и царини на Европската Комисија.