Годинешното 37-мо издание на Филмскиот фестивал во Бергамо (Bergamo Film Meeting), кое се одржува од 9 до 17 март, приредува ретроспектива на комплетното творештво на Карпо Година, режисер, кинематографер, сценарист и монтажер.
Карпо Аќимовиќ Година е роден во Скопје, на 26 јуни 1943 година.
Фестивалот во Бергамо го чествува Година како една од најрепрезентативните фигури на тн. „црн бран“ во југословенската и словенечката кинематографија.
Оваа ретроспектива на Година во Бергамо – за првпат го содржи неговото комплетно творештво во авангардниот краткометражен филм и долгометражни играни филмови – следува непосредно по наградата што авторот ја доби од еден од најпрестижните светски музеи, њујоршкиот МОМА (The Museum of Modern Art), каде што се одржа првата американска ретроспектива во неговата кариера, што се совпадна со изложбата „Бетонска утопија: Архитектура во Југославија, 1948-1980“.
Сцена од „Окупација во 26 слики“
Карпо Година во шеесеттите години снима авангардни кратки филмови, а потоа е и добро познат како кинематографер, постојан соработник, меѓу другите, на режисерите Желимир Жилник, Лордан Зафрановиќ и Бахрудин Бато Ченгиќ. Токму Година стои зад фотографијата на легендарните филмски дела Рани Трудови (Жилник), Окупација во 26 слики (Зафрановиќ), Улогата на моето семејство во светската револуција(Ченгиќ), Жена со пејзаж (Ивица Матиќ)… кои важат за најдобрите остварувања на ексјугословенската кинематографија.
„Црвениот буги“
На фестивалот во Бергамо ќе бидат прикажани трите негови играни филмови кои ги режирал – Вештачки рај (Umetni raj/Artificial Paradise, 1990), Црвениот буги (Rdeči boogie ali Kaj ti je deklica/Red Boogie, 1982), Сплавот на медузите ( Splav Meduze/The Raft of Medusa, 1980) – како и сите негови краткометражни филмови кои ги реализирал како автор во 60те и 70те години од минатиот век во некогашна Југославија.