Околу 10.000 лица денеска присуствува на собир во центарот на Москва со кој беше одбележана четвртата годишнина од убиството на рускиот опозициски лидер Борис Немцов.
Учесниците на маршот носеа фотографии на Немцов и транспарент со натпис: „Им ја дадовме Русија на измамниците, време е да си ја земеме назад“.
Собир во сеќавање на Немцов беше одржан и во Санкт Петербург.
Немцов, кој беше еден од најжестоките критичари на рускиот претседател Владимир Путин, беше убиен на 27 февруари 2015 година на мост во близината на Кремљ.
Во врска со убиството на Немцов, во 2017 година еден маж беше осуден на 20 години затвор, а уште четворица други добија затворски казни во траење од 11 до 19 години, под обвинение за соучесништво во убиството.