Се подготвува Европскиот квиз на парите

На 13 март ќе се спроведе првиот подготвителен тест во рамки на пријавените одделенија, односно класови, а една недела подоцна ќе се одржи и вториот подготвителен тест.

279

Народната банка беше ги почна подготовките за Европскиот квиз на парите за ученици од основно и средно образование. Денеска беше одржана средба со наставниците и професори координатори од основните и средните училишта од земјава кои ќе учествуваат на квизот.

Гувернерката на Народната банка Анита Ангеловска-Бежоска на средбата  укажа на значењето на финансиската едукација и истакна дека Европскиот квиз на парите, како иницијатива на Европската банкарска федерација ги обедини финансиските регулатори и банките, како и образовните институции во земјава, со една многу значајна цел, а тоа е подобрување на вештините на најмладите во доменот на финансиите, што придонесува за подобрување на нивните знаења и способност да се соочат со работните и животните предизвици во иднина.

Таа изрази задоволство од масовниот одѕив на повикот за квизот, со оглед дека бројот на пријавени одделенија и класови е многу поголем од очекуваниот, при што се проценува дека во фазата на интерни тестирања ќе бидат опфатени околу 3.000 ученици од целата земјата.

– Ваквиот пристап, со вклучување цели одделенија и класови, овозможува сите тие ученици да се запознаат со проблематиката на финансиската едукација, со аспекти поврзани со работењето на централната банка, банките, пазарите на хартии од вредност. Тоа претставува значајна придобивка и воедно, цел на иницијаторот и организаторите – масовен опфат, поширока едукација – рече Ангеловска-Бежоска.

Заменик-министерот за образование и наука Петар Атанасов рече дека обуката и едукацијата на младите е приоритет за секое општество.

– Се надеваме дека учеството на големиот број ученици ќе придонесе за повисок квалитет и успешност на натпреварувачите како во национални рамки, така и во меѓународните активности – рече Атанасов.

Натпреварот за Европскиот квиз на парите ќе се одвива во три фази. На 13 март ќе се спроведе првиот подготвителен тест во рамки на пријавените одделенија, односно класови, а една недела подоцна ќе се одржи и вториот подготвителен тест. Најдобрите по овие два теста ќе настапат на финалниот натпревар, што ќе се одржи во Скопје на 27 март, по кој ќе бидат познати двајцата најдобри ученици кои ќе ја претставуваат земјата на Европскиот квиз на парите во Брисел, на 7 мај годинава.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...