Скопје танцов театар – Адријана Данчевска со нова кореографија во Холандија

419

Адријана Данчевска, која припаѓа на новиот бран млади македнски кореографи, а е дел од уметничкиот тим на Скопје танцовиот театар, на покана на универзитетот Кодартс – Ротердамската академија за танц, ја подготвува во Ротердам кратката кореографија под наслов „Скеч“ во која настапуваат танчерите Наоми Калвазара, Флавио Кјусисана, Исаја Вилсон, Елведин Силеџич и Елена Нилсен.

Оригиналната музика за кореографијата е на Александар Гроздановски, костимите се на Асалија Каџе, во продукција на Кодартс. Кореографијата ќе биде дел од изведувачката програма која компанијата при академијата ја изведува низ Холандија и Европа.

– Многу сум среќна што имам ваква шанса да работам во Холандија на високо професионално ниво. Ова е извонредна можност за нова креација, имам одлична соработка со танчерите и со нетрпение ја очекуваме премиерата. Драго ми е што сум дел од Скопје танцовиот театар, компанија која ги поддржува младите и што ние, кои сме дел од неа, имаме можност да танцуваме на најдобрите светски сцени, а воедно и да се развиваме како кореографи во земјава и надвор од неа – вели Данчевска.

Адријана Данчевска е дел од новиот бран млади кореографи на Скопје танцовиот театар, првата официјална компанија за современ танц во Македонија. Работи како танчер и кореограф во Скопје танцовиот театар, под уметничко водство на Рисима Рисимкин и е стручен соработник на Катедрата за современ танц при Универзитетот “Гоце Делчев”, Штип. Во моментов ги завршува магистерските студии на Универзитетот за аудиовизуелни уметности, ЕСРА, Скопје-Париз-ЊуЈорк, каде и дипломира во 2014 година на Скопје танцовата академија.

Како танчер Данчевска настапува во редовниот репертоар на Скопје танцовиот театар во Скопје и низ земјава и надвор од неа – „Фестивал за современ танц и невербален театар“, Санвинченто, Хрватска, Саем за танц во Дизелдорф и Културбункер Келн, Германија; „Масданца“, Канарски острови; ИТС фестивал, Амстердам и „Отворена сцена“ во Хаг и Ротердам, Холандија, „Танец Прага“, Република Чешка, „Културна сезона“ во Чуанџо и „Средба во Пекинг“ фестивалот, Кина како и на „Holland Dance Festival“ во Хаг, Холандија и „Battery Dance Festival“ во Њујорк, САД.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...