Од земја увозник станавме земја извозник на сувомесни производи благодарение на ланската мерка за намалување на царината на смрзнато месо за преработка, изјави денеска вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев по средбата со претставници на Групацијата за преработувачи на месо и месни производи при Стопанската комора на која се анализирани резултатите од ланската мерка на пониски царини за увоз на смрзнато месо и нејзино продолжување до крајот на јуни годинава.
На средбата присуствуваа и министрите за земјоделство, шумарство и водостопанство и економија Љупчо Николовски и Крешник Бектеши.
– Мерката ја конципиравме за да не направи никаква дисторзија на пазарот со месо, а во периодот откога се имплементира резултатите се охрабрувачки. Производството на месо во првиот период на имплементација на мерката е зголемено за 6,64 отсто, додека извозот на сувомеснати производи е зголемен за над 41,7 отсто, со што практично од увозна земја, Република Северна Македонија стана извозник на сувомеснати производи – рече Анѓушев.
Тој направи споредба на извозот и увозот пред и по воведувањето на мерката која покажува дека во 2018 година се извезени 2.936.495 килограми сувомеснати производи, а во 2017 година 2.070.904 килограми, додека увозот лани изнесувал 6.039.749, додека во 2017 бил 6.744.566 килограми.
– Мерката беше воведена со цел да се помогне на преработувачката месна индустрија која имаше проблем и не беше конкурентна бидејќи суровината што ја користеше имаше царина, а сувомеснатите производи од странство се увезуваа без царина- појасни Анѓушев.
Тој рече дека мерката придонела да се подобри и искористеноста на капацитетите од 25 на 40 отсто.
Мерката, како што информира министерот за земјодлество Николовски, е продолжена до 30 јуни годинава.
Претседателот на Групацијата Гоце Трајчев рече дека производителите очекуваат проширување на повеќе тарифи.
– Ова беше делумо ослободување и сегашните резултати не охрабруваат дека може да се зголеми и прошири.Не завршуваме на оваа мерка. Очекуваме да има проширување на повеќе тарифи – рече Трајчев.
Според него, само МИК – Свети Николе од каде доаѓа, од воведување на мерката имаат увезено 1500 тони од кои 400 тони се ослободени, а останатата количина не е ослободена од царина.
Мерката, како што беше речено на прес-конференцијата, не го намалила домашното производство на свинско месо кое не е доволно ниту за покривање на домашниот пазар со свежо месо.