Повеќе десетици илјади жители на берлинската населба Трептов-Кепеник од вчера попладне останаа без струја, кога при градежни работи биле прекинати подземни кабли.
Надлежните соопштија дека се очекува жителите да останат без електрична енергија повеќе од 25 часа.
Прекинот на електрична енергија се случил вчера по 14 часот и 31.000 домаќинства и 2.000 фирми нема да имаат електрична енергија до денеска доцна попладне.
Во текот на работата на еден мост, биле прекинати два важни кабли за довод на струја, што предизвика во овој дел од Берлин се да застане.
Поради прекинот на електричната енергија, топланите во Кепеник и Фридрихшаген престанаа да работат, така што 5.000 домаќинства останаа и без греење.
Супермаркетите во овој дел од Берлин беа принудени да носат фрижидери за да избегнат расипување на храната што мора да се чува во замрзнувачи.
Поради прекинот на струја повеќе луѓе остана заглавени во лифтови, а две лица морале да бидат ослободени од пожарникари.
Превентивно, полицијата го зголеми бројот на чуварите на редот на улиците во тој дел од Берлин за 400 дополнителни униформирани лица.
Исто така, во погодениот дел од германскиот главен град затворени се 22 училишта.
Во текот на ноќта, од Одделението за интензивна нега во болницата Кепеник, биле евакуирани најмалку 19 пациенти во соседните здравствени установи.