Со предлог законот за енергетска ефикасност што ќе биде усвоен во Владата во текот на наредниот месец и пратен до Собранието го заокружуваме пакетот на реформи во енергетскиот сектор и потполно сме убедени дека за многу кратко време ќе го завршиме поглавјето 15 за енергетиката по отворањето на преговорите со Европската унија, порача денеска министерот за економија Крешник Бектеши.
– Веќе ја подготвивме финалната драфт верзија на предлог законот за енергетска ефикасност што произлегува од обврските што ги имаме кон Енергетската заедница и очекуваме јавните расправи како денешната да придонесат за подобрување на ова законски решение. Во расправите ќе ги вклучиме сите засегнати страни како што се енергетските компании и сите здруженија и стопански комори – изјави Бектеши по отворањето на тематската јавна расправа за предлог законот за енергетска ефикасност во Стопанската комора на Македонија.
Тој нагласи дека станува збор за многу важен закон за намалувањето на потрошувачката на електрична енергија во земјава и додаде дека од него ќе произлезат обврски кон јавните институции и новите градби. Нагласи дека верува оти во текот на наредниот месец предлог законот ќе биде усвоен во Владата, а потоа пратен во собраниска процедура.
– По донесувањето на законот сите граѓани што ќе купуваат нови производи ќе имаат увид колку се енергетски ефикасни. Во предлог законот е ставена одредба дека Министерството за економија во рок од девет месеци по усвојувањето треба да ги донесе сите подзаконски акти што ќе произлезат од законот- рече Бектеши.
Прашан зошто во извештајот на Енергетската заедница се истакнува дека се доцни со донесувањето на енергетските законите, Бектеши рече дека веќе се усвоени сите уредби што се во надлежност на Министерството за економија и се донесени сите подзаконски акти и правилници, вклучувајќи ги и одредбите за обновливи извори на енергија.
– Наведено е дека треба да се донесе нова уредба за нафтените деривати. Како Влада веќе во ноември минатата година му дадовме заклучок и обврска на Министерството за финансии кое е надлежно да ја изработи уредбата и очекуваме за многу краток рок да ја достават до Владата и да ја усвоиме – потенцира Бектеши.