Одговорниот за надворешна политика во грчката опозициска партија Нова демократија, Јоргос Кумуцакос оцени дека поранешните грчки министри Никос Коѕијас и Панос Каменос ѝ нанесуваат штети на Грција и по напуштањето на Владата, јави дописничката на МИА од Атина.
– Господата Коѕијас и Каменос, не само што меѓусебно се уценуваат, туку и се навредуваат, и ѝ наштетуваат на земјата, изјави Кумуцакос, осврнувајќи се на последните препукување меѓу двајцата поранешни министри во грчката Влада.
Поранешниот шеф на грчката дипломатија Коѕијас поднесе тужба против екс-министерот за одбрана Каменос, во која оценува дека тој „има потенцијална одговорност“ ако му се случи нешто нему или на неговото семејство, како и дека со лагите и дезинформациите што ги ширел му ги нарушил честа, угледот и достоинството. На ова, Каменос одговри дека е подготвен да „ги достави сите докази до правдата“.
– Ќе беше безначајно, ако не стануваше збор за двајца луѓе кои цели четири години управуваа со виталните интереси на земјата: нејзината надворешна политика и нејзината безбедност. Дури и по нивната смена, тие ѝ штетат на земјата. Ја понижуваат на меѓународно ниво. Но, нив ги одбра господинот (Алексис) Ципрас и во нив имаше доверба, нагласи Кумуцакос во неговата изјава.