Почна снимањето на филмовите на втората генерација „Докуникулци“ на МакеДокс

98
На повеќе локации во Скопје деновиве се одвива снимањето на документарните филмови на втората генерација „Докуникулци“ на МакеДокс. Премиерата на филмовите ќе се одржи на десеттото издание на Фестивалот на креативен документарен филм „МакеДокс“, од 21 до 28 август во Скопје.

– Изборот на темите беше направен на минатогодишниот „пичинг“, што се одржа во рамките на Патувачкото кино на МакеДокс во партнерство со Фестивалот „Дрим ОН“ во Струга. Филмовите опфаќаат теми што се поврзани со животот на младите, како музика, автостоп и урбани приказни. Во снимањето на филмовите се вклучени 12 докуникулци – појаснуваат од Македокс.

Филмската работилница „Докуникулци“ е поддржана од НЕД (National Endowment for Democracy) од Вашингтон и Агенцијата за филм.

– Резултатот од работата на првата генерација „Докуникулци“ на МакеДокс беа трите кратки документарни филмови „Адолесцензура“ на Леа Димитрова, „Поглед во очите“ на Јоана Арсовска и „Поинакви“ на Розе Симоновска – додаваат од Македокс.

Во рамките на минатогодишното издание на фестивалот МакеДокс, документарците беа прикажани и на фестивалите „Дрим шорт“ во Струга „Слободна зона“ во Белград, во неколку средни училишта во Скопје, како и во рамки на проектот „Од 1 до 101“ на „Чекор по чекор“ во Охрид, Битола и Скопје.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...