Албански компании заинтересирани да инвестираат во различни области во Северна Македонија вчера остварија средба со премиерот Зоран Заев и дел од членовите на Владата од економските сектори. Од премиерот добија охрабрување да ја зголемат трговијата и меѓусебното инвестирање и дека Владата работи на сериозни инфраструктурни проекти за подобро поврзување на земјите.
Премиерот Заев, како што соопшти владината прес-служба, им посака добредојде на потенцијалните инвеститори во Република Северна Македонија, која, како што рече, е истата земја пријател на Албанија и истакна голема благодарност за тоа што таа беше меѓу првите држави кои го ратификуваа Протоколот за членство во НАТО.
– Сакам да ја искористам приликата да ве охрабрам да ја зголемите трговијата, меѓусебното инвестирање, вие овде во Северна Македонија, ние во Албанија, и да соработуваме. Сме многу блиски земји, блиски народи, имаме исти проблеми, исти надежи кон иднината, заедно чекориме кон ЕУ и како земји со исти евроатлански стремежи, имаме голема можност за унапредување на меѓусебната економска и трговска соработка. Позитивните примери што ги имате во Албанија да ги пренесеме тука за да ги охрабриме нашите граѓани за придобивките од НАТО – рече Заев.
Како приоритет на Владата во однос на регионалниот бизнис развој, Заев го истакна унапредувањето на инфраструктурните врски помеѓу двете земји, преку железница и други сериозни инвестициски проекти во патната инфраструктура.
– Работиме на подготовката на барање на инвестиции и можности за железнички да се поврзуваме, буквално од пристаништето во Драч кон нашиот граничен премин преку железничка пруга од Кичево, која што сакаме да ја градиме, да доаѓа до Скопје, кон Софија и кон Црното Море во Бугарија и Истанбул, со што комплетно би го отвориле Коридорот 8. Работиме на сериозни проекти кои што се инвестиции во патната инфраструктура и ќе помогнат многу во збогатување на инфраструктурната поврзаност со патишта меѓу двете држави. Имаме надеж дека некаде кон крајот на март или почетокот на април ќе го отвориме и првиот One Stop Shop помеѓу Албанија и Република Северна Македонија, каде што ќе го преполовиме времето на чекање на камионите, на стоките, па и на патниците. Тоа ќе значи дека во една канцеларија со една иста Царина ќе можат да се завршат сите документации што се важни за самиот проток на стоки, што се случува помеѓу нашите две земји – рече Заев.
Претседателот на Стопанската комора на Тирана, Николин Јака ја истакна потребата за заедничко делување во зголемување на производството, утврдување на комплементарните сектори, како планинскиот туризам во Северна Македонија и морскиот туризам во Албанија, елиминирање на сите бариери и создавање клима на соработка и меѓусебна доверба.
– Се соочуваме со стареење на народот, имаме феномен на отселување на младите лица од нашите земји и тоа оди на штета на нашата земја, на економијата и на човечкиот капитал. Економијата е генератор на развојот на државата, затоа треба да го зголемиме нашето производство, да видиме што се комплементарните сектори и да изготвиме стратешки план за претприемништво и стабилна економија за сите земји од балканскиот регион, преку уште една развојна платформа за трите земји, Албанија, Косово и Северна Македонија. Постојат многу работи што не поврзуваат за да имаме комплементарна економија со која ќе ги отстраниме дефицитите и многубројните пречки во балканскиот регион и надвор од него – рече Јака.
На средбата се покренати неколку иницијативи меѓу кои развојот на езерскиот туризам во Охрид преку слободниот проток по Охридското Езеро, во областа на енергетскиот сектор и обновливите извори на енергија, намалување на премијата за електрична енергија преку отворање на фотоволтаични центри и можност за инвестирање во Република Северна Македонија до 200 мегавати фотоволтаична соларна енергија. Во областа на комуникациите, вклучување договори со Европската енергетска заедница за намалување на роамингот од 30 отсто со обврска до 2021 година да стигне до 0 роаминг помеѓу земјите во Западен Балкан, како и создавање инфраструктура за трет мобилен оператор со дополнителен квалитет на услугите за граѓаните.