Министерството за финансии планира да се задолжи кај Светска банка со 26,2 милиони евра за ги намали трошоците во трговијата и за подобрување на ефикасноста на транспортот. Договорот ќе биде потпишан по донесувањето на закон за задолжување кај Меѓународната банка за обнова и развој кој е во собраниска процедура.
Со ова, како што наведуваат од Министерството за финансии, нашата земја ќе остане предводник во имплементацијата на заложбите за олеснување на трговијата и транспортот во Западен Балкан.
Проектот се состои од четири компоненти. Првата компонента – олеснување на движењето на стоките и услугите низ Западен Балкан, ќе обезбеди поддршка за дизајнирање, развивање и спроведување на Национално едношалтерско решение, модернизација на царината и другите институции што учествуваат во управувањето со границите, за да се подобри нивната меѓуинституционална координација, и да се намали времето потребно за чекање на стоките. Со оваа компонента ќе се обезбеди поддршка за подобрување на физичките капацитети и работните услови на граничните премини Ќафасан и Деве Баир со цел олеснување на протокот на стоки преку границите.
Втората – подобрување на транспортната ефикасност и предвидливост треба да обезбеди развој на Интелигентен транспортен систем-ИТС на дел од Коридор 10, преку набавка и инсталирање на опрема, како и обезбедување на техничка помош за поддршка на подготовката на законските прописи за системот за интелигентен транспорт во согласност со соодветните директиви на Европска унија.
Третата компонента- подобрување на пристапот до пазарот за трговијата и инвестициите предвидува поддршка преку техничка помош за спроведување на регулаторни и институционални реформи за усогласување со конкретните обврски на нашата земја во рамките на дополнителните протоколи 5 и 6 од Договорот за слободна трговија на Централна Европа (ЦЕФТА) и повеќегодишниот акционен план за регионалната економска зона во Западен Балкан.
Во рамки на четвртата компонента – поддршка за спроведување на проектот ќе се овозможи поддршка на единицата за имплементација на проектот, вклучувајќи координација на политики и мониторинг и евалуација на проекти, како и спроведување на јавни консултации помеѓу повеќе чинители и анкети.
Рокот на отплата на заемот е 12 години со вклучен грејс период од четири години, а каматната стапка е шестмесечен ЕУРИБОР зголемена за фиксен распон.
Проектот за олеснување на трговијата и транспортот во Западен Балкан е од регионален карактер и во првична фаза, покрај нашата земја, ќе ги вклучи и Србија и Албанија, а понатаму ќе се приклучат Босна и Херцеговина, Црна Гора и Косово.
Основната цел на проектот е промоција на подлабока економска интеграција во рамки на регионот, намалување на трошоците за трговија и зголемување на ефикасноста на транспортот во Република Северна Македонија.