Сигнално оружје преправале во огнено и го препродавале, уапсени деветмина

139

Двајца скопјани во работилница изработувале и со погоден алат конвертирале сигнални пиштоли во огнено оружје. Полицијата документирала продажба на десет пиштоли, а по наредба за претреси лишила од слобода девет лица од Куманово, Скопје и Тетово, кај кои пронашла и одзела автоматска и ловна пушка, 16 пиштоли, муниција од различен калибар, мобилни телефони и СИМ картички. Пиштолите ги продавале по цена од 250 до 400 евра.

Како што соопшти МВР, денеска од страна на БЈБ- Единицата за сериозен криминал и тероризам при Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал во соработка со Единицата за недозволена трговија со оружје, опасни материи и радиоактвен материјал при Одделот за криминалистичка полиција со поддршка на ОСПО и ОКТИВ, и во координација со ОЈО за ГОКК, спроведена е координирана полициска акција со цел сузбивање на повеќечлена организирана криминална група составена од лица од Скопје, Тетово и Куманово инволвирана во вршење на кривично дело „Неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје или распрскувачки материи“. При акцијата  лишени од слобода се Ф.А. (39), Б.А. (34), Н.М. (63), Ф. Ј. (32), А.А. (29), С.Н. (48), Б.М. (25) сите од Скопје и Џ.Р. (36) од Тетово и С.И. (47) од Куманово.

– Ф. А. и А. Б. подолг период, во работилница лоцирана во Скопје, со употреба на пригоден алат изработувале огнено оружје пиштол на тој начин што Ф. А. набавувал потребна количина на пиштоли за светлосна и звучна сигнализација, додека А.Б. во својата работилница сигналното оружје го конвертирал во огнено оружје, на начин што ја вадел цевката што служи за испукување на гасен куршум и на нејзино место вметнувал метална цевка претежно од калибарот 7,65 мм. Исто така, биле набавувани и други видови на огнено оружје и разни видови на муниција што ги продавале на заинтересирани лица, се наведува во соопштението на полицијата.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...