Проектот Научно технолошки парк стартуваше со промоција на Деловно техничкиот акцелератор УКИМ. Акцелераторот е сместен во просториите на Инофеит на кампусот технички факултети во Скопје.Овој центар треба да биде место кое ќе привлекува бизниси и ќе го помага нивниот развој преку услуги и поддршка и ќе обезбедува помош за развој на претприемништво и комерцијализација.
Деловно – технолошкиот акцелератор УКИМ, како што појасни при промоцијата директорот на Фондот за иновации Јован Деспотовски е еден од трите столба на Научно технолошкиот парк.
– Акцелераторот ќе обезбеди програма во две фази: Фазата пред инвестирање и инвестициска фаза, со програми за пред-акцелерација и акцелерација. Во инвестициската фаза се планират почетни инвестиции до 25.000 евра по компанија, и до 75.000 во втората инвестициска фаза за стартапите со потенцијал за брз раст – појасни Деспотовски.
Според проектираните резултати се очекуваат од 250 – 300 учесници во предакцелераторска програма на секој повик, 25 до 30 тимови во акцелераторската програма и седум до 12 инвестиции во првата фаза, односно две до пет инвестиции во втората фаза.
Втората и третата фаза на Научно технолошкиот парк предвидувааат изградба на нови згради и лаборатории, кои се планира да бидат завршени до 2024 година, односно до 2027 година.
За сите три фази на Научно технолошкиот парк, според проценките на експертите, ќе бидат потребни над 80 милиони евра.
– Овој парк ќе прерасне во место каде што граѓаните ќе креират нови идеи, ќе се креираат важни иновации и изуми, некои млади луѓе тука ќе започнат старт ап бизниси, ќе се трасира патот на нашиот развој и патот кон напредокот и дигиталната револуција – рече премиерот Зоран Заев.
Тој заедно со еврокомесарката за дигитална економија Марија Габриел и министрите за информатичко општество на Грција и на Црна Гора присуствуваше на промоцијата.
Еврокомесарката Габриел рече дека со овој проект се придонесува за дигиталната трансформација на Западен Балкан.
– Таа за нас е и предизвик, но и можност во центарот на сите наши политики да ги ставиме интересите на нашите граѓани – рече Габриел.
Габриел ги повика сите непрофитни, научни и истражувачки организации и компаниите да дадат придонес и од проектот научно технолошки парк да направат успешна приказна.
–Продолжете да испраќате пораки за нашиот талент да останува тука и дека сме тука за нашите нови бизниси, ве поддржуваме, а пораката за големите компании е дека имаат можност да инвестираат тука – додаде таа.
Министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски рече дека проектот е еден од моите животни испити.
– Научно техноллошкиот парк треба да стане и еден вид слободна зона којашто ќе ги собере академските граѓани, професорите и бизнисите да се поврзат и да споделуваат идеи, искуства и знаења. Сакаме да создадеме сосема нова атмосфера, клима, средина за иновации и соработка. Овде да врие од млади иновативни и пред се, успешни луѓе – рече Манчевски.
Дел од активностите за дигитализација на Западен Балкан е и потпишувањето на договорот помеѓу шесте држави од регионот за намалување на цените во роаминг, што, доколку се надминат политичките разлики помеѓу некои од државите, се очекува да се случи на претстојниот Дигитален самит во Белград. Тоа е и една од темите на денешниот состанок во Скопје на надлежните министри со еврокомесарката Габриел, на кој ќе се разговара и за отворање академија за сајбер безбедност во државава.
– Се надевам дека политичките разлики ќе бидат надминати помеѓу некои земји во регионот за да може новиот договор да биде потпишан во рамки на Дигиталниот самит кој годинава се одржува во Белград. Со потпишувањето на овој договор, очекуваме драстично да се намалат цените на роамингот помеѓу земјите од Западен Балкан, а целта е тој целосно да се укине до 2021 година – рече Заев.