Албанскиот премиер Еди Рама изјави дека нема да поднесе оставка и нема да има вонредни парламентарни избори во Албанија.
По масовните опозициски антивладини протести во Тирана, Рама, во интервју за италијанскиот „Кориере дела сера“, вели дека за тоа нема потреба, бидејќи опозицијата е во длабока криза и не е во состојба политички да ја предизвика Владата.
Малцинството во Парламентот, тврди Рама, е послабо отколку што беше на изборите во 2017 година.
– Ако утре се одржат избори, опозицијата ќе добие помалку гласови – вели Рама, додавајќи дека тој е избран од народот и оти на таа функција ќе остане до крај, служејќи му.
За оставка, вели, не размислува.
– Имам јасен мандат од народот, имаме мнозинство во Парламентот и на крајот имам обврска да се соочам со моите сонародници. Не сум обврзан да ги следам барањата на парламентарното малцинство. Единствената обврска е договор со албанскиот народ, кој ни даде мандат да владееме – истакна албанскиот премиер.
Рама тврди дека неговата Влада е целосно посветена на судските реформи, дека борбата против корупцијата никогаш не била толку силна како што е сега, и дека работи за зајакнување на јавната администрација.
– Јасно е дека ова е долга војна и дека резултатите не можат да дојдат толку брзо – нагласи Рама.
ФОТО: EPA-EFE /FILIP SINGER