Градоначалникот Петре Шилегов најави изградба на нов коридор со мост преку реката Вардар. Новиот мост ќе го поврзува булевар АСНОМ кај хотелот „Русија“, преку Вардар, низ населбата Ќерамидница, сѐ до раскрсницата кај скопското сајмиште.
– Градот Скопје ја започна постапката за изградба на коридор за поврзување на Аеродром, Гази Баба и Центар. Пробивањето на овој сообраќаен коридор ќе даде исклучителна развојна компонента на градот и ќе овозможи да патуваме побрзо и побезбедно. Од Ново Лисиче до Саем или од Автокоманда до ТЦ „Бисер“ со автомобил ќе се стигнува за само 5 минути. Времето на движење за велосипедистите и пешаците, исто така, ќе биде драстично намалено – рече Шилегов на денешната прес-конференција.
Освен нов мост преку Вардар во должина од 120 метри, ќе се пробие нов коридор и ќе се реконструира стар булевар во вкупна должина од 2.170 метри, ќе има 5 вкрстувања, 6 коловозни ленти, велосипедски патеки во двете насоки, пешачки патеки и дрвореди. Новиот коридор во градот задолжително ќе биде проследен и со нови автобуски линии на јавниот градски превоз.
– На граѓаните на Скопје им се потребни решенија што трајно ќе го ослободат градот од сообраќајниот метеж, тие заслужуваат брз и безбеден сообраќај, а ова е само почеток на еден процес кој води до постигнување на таа цел – потенцираше Шилегов.
Во Скопје денес постојат девет мостови за моторизиран сообраќај преку Вардар. Но, општината со најмногу жители – Аеродром, и онаа со најголема економска активност – Гази Баба сега се поврзани со само еден мост.
Проектот којшто беше презентиран денеска е предвиден во ГУП-от од 1965 година, а досега за него никој во Градот ја немал изготвено основната планска документација. Градбата на овој коридор со мост предвидено е да биде завршена во рок не подолг од 24 месеци од почетокот на градежните работи.