Бучковски: Срамота е да се патува од Скопје до Софија 3,5 часа, а ги делат 200 километри ВИДЕО

6773

Поранешниот македонски премиер, Владо Бучковски во интервју за БГНЕС зборува за односите помеѓу Македонија и Бугарија велејќи дека е добро што премиерите Зоран Заев и Бојко Борисов град меѓусебна доверба и што оставиле историчарите да си ја завршат нивната работа, потенцирајќи дека не верува оти двајцата ќе се мешаат во работата на експертите.

– Задача на Заев и Борисов е заеднички да се обидат поврзувањето меѓу двете држави да го олеснат, инфраструктурата е катастрофална. Тука искуството на Бугарија и нивното учество во многу поголеми проекти отколку пругата меѓу двете држави или автопатот меѓу Македонија и Бугарија треба да биде она што обичните луѓе, кои меѓусебно се почитуваат, ќе направи уште повеќе да се среќаваат и да градат сериозни бизниси. Мислам дека бизнис релациите, иако се фали нашиот премиер дека е зголемена трговската размена по потпишувањето на договорот, не се доволни. Ако дојдете сега со мене да отидеме во најголемите супермаркети во Скопје, ќе најдете еден или ниту еден бугарски производ. Тоа е неверојатно. А да видите, половина од супермаркетите да се со грчка или со турска роба. Така што во делот на размената бизнисот има многу повеќе шанси за да се достигне ниво на трговска размена, според мене, 2-3 пати повеќе отколку што е сега – вели Бучковски.

Тој во интервјуто ги поздравува најавите за за намалување на царините или можност да нема царини меѓу двете држави. За проблемите во поврзувањето тој вината ја гледа на македонската страна.

– Срамота е од Скопје до Софија да патувам 3,5 часа, а 200 километри го делат главниот град на Македонија и Бугарија. Срамота е да нема пруга и за 1,5 час или два часа да не дојдеме со воз од Скопје до Софија. Тоа создава сериозни проблеми и проблемот е на македонска страна – вели Бучковски.

Исто така, експремиерот, потенцира дека ние сега треба да го искористиме бугарското искуство со ЕУ.

– Мислам дека многу работи кои ги наследи Македонија по независноста од Југославија се пречка во развивањето на вистинското сојузништво меѓу двете држави. Не верувам дека можеме да имаме поголем сојузник од Бугарија, и мислам дека сега кога ќе почат преговорите со ЕУ, оптимист сум дека Македонија ќе ја добие заслужената покана за почеток на преговорите, не треба да правиме експерименти треба да побараме поддршка од бугарските експерти кои учествуваа во преговорите – вели Бучковски.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...