Хрватската претседателка Колинда Грабар-Китаровиќ изјави дека сè уште не одлучила дали ќе се бори за втор мандат.
– Не сум се изјаснила бидејќи не сум донела одлука. Но гледам дека тоа е многу интересна тема во медиумите и оти тие креираат некакви кандидати како мои потенцијални противници на изборите, иако ниту јас, ниту тие сè уште не сме ги истакнале кандидатурите – изјави Грабар-Китаровиќ во интервју за „Медиа сервис“, направено по повод четири години од нејзината инаугурација.
Доколку се кандидира таа вели дека ќе и биде важна поддршката од ХДЗ.
– Јас доаѓам од ХДЗ и мене нивната поддршка ми е важна. Тоа е моето уверување од раната младост и тоа е уверување кое сум го негувала за време на студирањето, преку нашата борба за независност. И повторно, со должна почит кон сите политички опции во Хрватска, јас сум личност која не менува страни и не ги сакам оние кои менуваат страни – вели таа.
За неа должноста претседател е чест, но и многу голема одговорност.
– Пред се јас сум мајка, Хрватка, верник, граѓанка на Република Хрватска и секако, граѓанка на Европската унија. И навистина би сакала да разгледам со што би можела јас да придонесам, што е тоа што можеме сите заедно да го направиме за Хрватска да ја поведеме кон подобар живот за сите – вели Грабар-Китаровиќ за „Медиа сервис“.