Министерството за земјоделство не очекува значително оштетување на родот на овошките, иако тие за време на снежниот бран беа во фаза на цутење.
Како што информираат од Министерството, овошките можат да издржат ниски температури кои се движат од -2 до -3 степени колку што беа температурите деновиве.
„Најниски температури се очекуваат во недела кога, во утринските часови температурите би се спуштиле до -4 степени. Бидејќи овие температури се блиску до границите на издржливот, може да предизвикаат само проретчување на родот, но не и негово оштетување“, се наведува во информацијата.
Досега, во подрачните канцеларии на Министерството за земјоделство нема пријавено штети од ниските температури од страна на земјоделците.
Според прогнозата од Управата за хидрометеоролшки работи на почетокот на следната недела се очекува променливо време со повремени врнежи од дожд и позитивни утрински температури. Во пораст ќе бидат и дневните температури. Во втората половина од неделата се очекува стабилизирање и пораст на дневните температури и до 20 степени.