Петмина американски сенатори, демократите Боб Менендез, Бен Кардин и Џин Шејхин и републиканците Линдзи Грем и Кори Гарднер, синоќа во Конгресот поднесоа предлог закон за нови санкции против Русија.
Нацрт-законот именуван „За заштита на американската безбедност од агресијата на Кремљ“ (ДАСКА) е обновена и засилена верзија на нацрт-законот Менендез-Грем објавен во август 2018 година. Оваа законска иницијатива, која требаше да стапи на сила во ноември и наречена „санкции од пеколот“, лани при крајот на летото предизвика девалвација на руската рубља за повеќе од 10 отсто.
Според ДАСКА, под санкции потпаѓаат руски државни обврзници и рускиот државен долг, како и блокирање на операциите на руските државни банки.
Нацрт-законот, пак, поднесен синоќа, ги санкционира руските банки кои финансирале ентитети и поединци одговорни за поткопување на демократските институции во други земји, санкции против кибер напад и санкции за инвестиции во руски проекти на течен природен гас. Потоа, санкции против политичари, олигарси и членови на нивните семејства кои „работат во полза на противзаконски и корупциски дејства во интерес на Владимир Путин“.
Посебен дел од нацрт-законот се занимава со „агресијата“ на Русија во Украина. Санкции за нападот и запленувањето на украинските бродови во Керченскиот Теснец минатата година во ноември. Се воведуваат забрани за руската бродоизградба и за проекти во нафтената индустрија во Русија и во светот.
Нацрт-законот се занимава и со поддршката на НАТО, со кој му се забранува на американскиот претседател да прогласи излегување на САД од воената алијанса без согласноост од Сенатот.
Постои и точка во која се бара американскиот Стејт департмент да определи дали Русија треба да го добие статусот на земја-спонзор на тероризмот. Понатаму, барање до осигурителните компании за недвижнини да откријат информации за сопствениците кои купуваат скапи недвижности во САД.
Понатаму, се бара спроведување независна истрага и извештај за убиството на опозиционерот Борис Немцов, и извештај за капиталот и сметките на Владимир Путин.
Со завршување на истрагата на специјаниот обвинител Роберт Малер за врските на американскиот претседател Доналд Трамп со Русија, овој нацрт-закон има иднина и претседателот ќе биде парализиран доколку не го потпише, сметаат демократите. Ако претходната верзија не помина во Конгреост, оваа има повеќе шанси да помине бидејќи се повеќе сенатори бараат пожестока акција за однесувањето на Москва.
– Трамп нема да може повеќе да замижува пред лицето на агресијата од Кремљ што го доведе Конгресот пред точка на вриење – изјави Менендез. Според него, Конгресот „ќе ги заштити нашите институти, сојузници и вредности, дури и ако претседателот не сака да го стори тоа“.