Сирискиот центар за мониторинг на човековите права (СОХР), врз основа на „потврдени извештаи“, соопшти дека е можно групата Исламска држава (ИД), која се соочува со притисок во своето последно упориште во сириската покраина Деир ес-Зор, да крие големо количество злато прошверцувано од други делови на Сирија и соседен Ирак, како и милиони долари.
Директорот на Центарот, чие седиште е во Велика Британија, Рами Абдулрахман за „Гласот на Америка“ изјави дека има потврда од терен оти ИД чува 40 тони злато, во форма на златни прачки, во Сирија.
– Тоа количество злато е под контрола на Исламската држава од крајот на 2017 година – изјави Абдулрахман, додавајќи дека покрај златото, групата во Деир ес-Зор лува и милиони долари во готовина.
Според Центарот, не се знае дали златните прачки се закопани во селото Багуз, скриени во тунели под границата на Сирија и Ирак или во областите кои неодамна ги зазедоа Сириските демократски сили, кои ја имаат поддршката на САД.
– Тоа злато е украдено од Централната банка во Мосул, од сириската економија која беше под контрола на ИД и од продажбата на сириски и ирачки антиквитети, како што се антиквитетите шверцувани од Палмира, кои беа продадени на шверцери и трговци низ Турција – нагласи Абдулрахман.
Портпаролот на антиџихадистичката коалиција предводена од САД, која ги поддржува борците на СДФ во нивната офанзива против ИД во источна Сирија, Џон Рајан за „Гласот на Америка“ изјави дека ги истражат овие тврдења.