Словенечката Влада го призна денеска опозицискиот лидер Хуан Гуаидо за привремен претседател на Венецуела, со што официјална Љубљана, по двонеделни внатрешни расправии се придружи на групата од 23 европски земји кои го сторија истото.
Шефот на словенечката дипломатија Миро Церар изјави дека единствена причина за признавањето е „повикот на слободни, демократски и легитимни избори што е можно поскоро“.
– Овде не станува збор за признавање на алтернативна влада, туку само за признавање привремен претседател. Ништо повеќе од тоа – изјави Церар.
Прашањето за признавање на Гуаидо ја подели словенечката владејачка коалиција, која нема цврсто мнозинство во Парламентот. Левицата, која од опозиција на малцинската Влада и овозможува мнозинство, категорично беше против признавањето на Гуаидо, оценувајќи дека зад тоа стојат САД и оцени дека тоа би било мешање во внатрешната политика на друга земја.
На 23 јануари, дотогашниот спикер на венецуелското Национално осбрание Гуаидо се прогласи за вршител на должноста претседател на Венецуела. Веднаш се огласи американскиот претседател Доналд Трамп соопштувајќи дека го признава Гуаидо за привремен претседател и ги повика останатите држави да го сторат истото со цел да се изврши дополнителен притисок воз Каракас.
По Трамп, се огласи и генералниот секретар на Организацијата на американски држави (ОАС), Луис Алмагро, кој истакна дека и овој панамерикански блок го признава Гуаидо за времен претседател на Венецуела.
Мадуро беше резибран за претседател на избори одржани лани во мај, кои ги бојкотираше опозицијата и чии резултати не беа признати од ОН, ОАС, ЕУ и повеќе западни земји, вклучително и САД и Австралија, со образложение дека при гласањето имало многу нерегуларности и не било во согласност со демократските стандарди.
ФОТО: EPA / Miguel Gutiérrez