Синдикатот на прилепски „Еурокомпозит“ денеска го активира штрајкот и од изутрината не дозволува никаков влез во фабриката. Штрајкот е активиран откако раководството им дало откази на 10-мина вработени, членови на синдикатот. Синдикатот, пак, бара да се смени раководството компанијата, што беше и последен услов од разговорите со владата, за да може да продолжат со работа.
– Бидејќи во дадениот рок Владата не го смени раководството на „Еурокомпозит“, како последен услов за непречено работење во фабриката, во текот на вчерашниот ден ја донесовме одлуката за активирање на штрајкот. Тоа го разбра раководството и веднаш ги напишаа отказните решенија и суспензиите за 10 од 11 членови на синдикалната организација. Потоа заминаа од фабриката, а правниците со големо обезбедување ни ги врачија решенијата. Беше повикана и полицијата. Имаше и инцидент зашто се собра поголема група изреволтирани работници. Имаше и закани до вработените да се вратат на работните места, а на нас како синдикат ни беше порачано дека не не почитуваат. Затоа, најбрзо бараме Владата да го смени раководството и да реши: сака да остане тоа раководство без да работи фабриката или да го смени, па да се вратиме на работните места- изјави претседателот на синдикатот Роберт Богданоски.
Богданоски вели дека се обиделе да воспостават контакт со кабинетот на вицепремиерот Кочо Анѓушев.
– По отказните решенија се јавивме во кабинетот на вицепремиерот Анѓушев. Од претставник од кабинетот ни беше советувано да не излегуваме по улици и да штрајкуваме и да продолжиме да работиме, а ако треба директорот нема да доаѓа во фабриката – рече Богданоски.
Според генералниот директор на „Еурокомпозит“, Александар Кузески, вчера се поделени налози за суспензија на 10 вработени кои во контитуитет ги кршеле работниот ред и дисциплината. Штрјакот е нелегитимен.
– Вчера беа поделени налози за суспензија на 10 вработени, кои во контитуитет ги кршат работниот ред и дисциплината. Од 10-те, осуммина се членови на синдикатот, но тоа нема никаква врска со притисок. Дисциплинската комисија ги подели налозите за суспензија. Во ситуација на револт, физички и вербално беа нападнати членовите на комисијата, а Богданоски лично физички нападна еден од членовите. Креираа ситуација на хаос и донесоа наводна одлука за штрајк, но веќе не се легитимни и легални претставници на вработените. Тоа е архивирано и документирано. Не ги потпишаа налозите за суспензија и ги носат луѓето во заблуда. Суспендираните треба да бидат отстранети од кругот на фабриката. Самоволно поставиле катанец на влезот на фабриката за што беше повикана полицијата. Од изутрината тие не ги пуштаа вработените на работните места, па затоа на обезбедувањето му е наложено да ја извести полицијата- изјави Кузески.
Кузески вели дека за смена на раководството е надлежна владата, а тој не знае кога ќе дојде во фабриката зашто, како што вели, не се чувствува безбеден поради закани кон него.