Српскиот претседател Александар Вучиќ денеска изјави дека не е заинтересиран да разговара со лидерите на опозицијата, додека за дијалог со граѓаните тој е секогаш отворен.
Во интервју за ТВ Пинк, Вучиќ изјави дека многумина сакале да разговараат со него, но дека тој не сака да разговара со (лидерите на опозицијата) Драган Ѓилас, Вук Јеремиќ и Бошко Обрадовиќ и дека нема сила што ќе го натера да го стори тоа .
– Јас не сум заинтересиран за тоа. Нема да се сретнам со нив. Секогаш сум отворен за народот и за граѓаните, а за овие крадци не сум. А зошто тие не се во затвор, тоа е тешко прашање. Бидејќи тие го имаат поставено целиот правосуден систем. Зошто да разговарам со некој кој вели дека го поткопувам територијалниот интегритет, а во нивно време Косово прогласи независност, а Црна Гора замина од Југославија – истакна Вучиќ.
Говорејќи за протестите на опозицијата, Вучиќ рече дека најголемата поддршка на овие собири во Белград доаѓа од медиумите на Загреб, Сараево и Приштина и дека луѓето треба да се замислат зошто е тоа така.
– Што мислите зошто Загреб се радува на пропаста на Александар Вучиќ? Зошто јас сум проблем за нив? Им пречи тоа што чувствуваат дека Србија е посилна. Од Сараево слушнав некои забелешки на тоа дека Србија се вооружува. Вие ли ќе ни забраните – додаде Вучиќ.
Тој изјави дека денеска рускиот амбасадор во Белград, Александар Чепурин му рекол дека и рускиот претседател Владимир Путин исто така заминал на турнеја низ Русија за да посети 12 центри, правејќи паралела со неговата кампања „Иднината на Србија“ која се уште е во тек низ цела Србија.
ФОТО: EPA / FLORIAN WIESER